.

Дебитатот Академија ФМП покажа заби, но Куманово преживеа во Кисела Вода


Дебитатот Академија ФМП покажа заби, но Куманово преживеа во Кисела Вода

(Сабота, 19.10.2019 - Скопје, Кисела вода, сала ,,Независна Македонија,,)

 

Во прекрасна атмосфера, преполна сала, во присуство на видни личности од политичкиот и спортскиот живот, пред се градоначалникот на Општина Кисела вода и голем љубител на кошарката, Филип Темелковски, претседателот на Кошаркарската Федерација на Северна Македонија, Перо Антиќ, како и поранешниот спортски директор на кошаркарската федерација Владимир Темелковски и други се одигра првиот натпревар од 2.коло во Првата кошаркарска лига на Северна Македонија.

 

Овој натпревар беше прв за домашниот тим на Академија ФМП во првата лига пред домашна публика и првиот воопшто во неговата историја во елитното друштво пред своите навивачи, а противник во 2.коло му беше тимот на Куманово.

 

Младиот состав на Академија ФМП одлично се бореше против поискустниот тим на Куманово предводен од Александар Петровиќ и по првото полувреме дебитатот ФМП имаше предност од три поени 42-39 стекнати пред се во втората четвтина кога го покажаа сиот свој талент и потенцијал што го поседуваат во својот состав.

 

Но, радоста за домашната публика траеше кратко откако со серија поени и успешни обиди за три поени тимот на Куманово направи пресврт во третиот дел и се стекна со двоцифрена предност која тимот на ФМП тешко ја достигнуваше. Куманово само ја одржуваше предноста која ја имаше до крајот на мечот и стигна до сигурна победа од 80-93.

 

Американецот во редовите на Академија ФМП, Роналд Харис беше лидер кај домашниот тим со 29 поени кој воедно беше и најдобар стрелец на натпреварот, Нацевски даде 14, а Делипетров беше стрелец на 11 поени. Кај Куманово Давид Миладиновиќ постигна 22, Јаневски 21, а Марјан Младеновиќ 13 коша и 11 асистенции.

 

Следниот предизвик за кошаркарите од Кисела Вода, Академија ФМП е гостувањето во Битола против Пелистер на 26 октомври каде ќе ја бркаат првата победа во првенството и првата победа во нивната клубска историја во прволигашкото натпреварување.

 

 

Автор на текстот

Томислав Атанасовски

Спонзори и Партнери