Во новата натпреварувачка сезона 2022/23 нашиот тим влегува со изменет ростер во поглед на минатата година. Со подмладена екипа ќе се обидеме да дојдеме до зацртаната цел за наредната сезона и за таа цел се ангажирани првите засилувања за наредната сезона.
Предраг Пајиќ е првото засилување кое се приклучи на екипата, кој во својата кариера има уште и настапувано за екипите на Вардар, Фени Индустри, Кожув и во минатата сезона за екипата на Пелистер со која го освои второто место во Македонското првенство. Од екипата на МЗТ Уни Банка, на нашата екипа се приклучува Габриел Коскоски кој во своето минато има настапувано и за екипите на Охрид, Работнички и Црн Дрим.
Првите странски играчи кои го засилуваат нашиот ростер се Зек Овенс и Чендлер Џонс, за кои ова е прв професионален договор во Европа. Овенс доаѓа од Колеџот Бетел каде што во просек постигнувал 15 поени изминатата сезона, додека Џонс во минатата сезона постигнуваше по 8 поени и 6 скокови во просек на Колеџот Брандајс.